Правни информации

Општи услови

Услови под кои Azure Holidays врши посредување при резервација на сместување и туристички аранжмани.

1 Општи одредби

Друштвото за туризам, трговија и услуги АЗУР ХОЛИДЕЈС ДООЕЛ Скопје (во понатамошниот текст: Посредникот), со седиште на ул. Исаија Мажовски бр. 49, Скопје — Ѓорче Петров, регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија под ЕМБС 7937768 и ЕДБ 4044026526118, е туристичка агенција — посредник во продажба на туристички патувања, регистрирана согласно Законот за туристичката дејност и носител на лиценца Б за вршење на туристичка дејност број ____, издадена од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Посредникот врши продажба и посредување на туристички аранжмани и услуги за сместување организирани од овластени туристички агенции — организатори на патувања со лиценца А (во понатамошниот текст: Организатор). Името и бројот на лиценцата на Организаторот за секој поединечен аранжман се наведени на страницата на сместувањето на веб-страницата на Посредникот и во потврдата за резервација.

Посредникот не е организатор на патувањето и не ги презема обврските на Организаторот. Посредникот ги посредува аранжманите во име и за сметка на Организаторот, а неговата одговорност е ограничена на посредничките дејствија утврдени со овие Услови и со важечките прописи на Република Северна Македонија.

Овие Општи услови (во понатамошниот текст: Услови) ги уредуваат односите помеѓу Посредникот и патникот (во понатамошниот текст: Патник) при резервација на сместување и претставуваат составен дел на секој Договор за резервација склучен помеѓу Посредникот и Патникот.

За секоја резервација, покрај овие Услови, важат и информациите и условите за резервација на конкретното сместување, објавени на страницата на сместувањето на веб-страницата на Посредникот, кои го содржат описот, цените, програмот, попустите, правилата за пристап и напуштање, условите за откажување и другите релевантни информации од Организаторот. Во случај на различни одредби, информациите и условите за резервација на конкретното сместување имаат предност пред овие Услови.

2 Дефиниции

За потребите на овие Услови, следните поими имаат следно значење:

Посредник
АЗУР ХОЛИДЕЈС ДООЕЛ Скопје, туристичка агенција со лиценца Б која посредува во продажба на туристички аранжмани во име и за сметка на Организаторот.
Организатор
Туристичка агенција со лиценца А која ги организира туристичките аранжмани и одговара за нивната реализација.
Патник
Физичко лице кое склучило Договор за резервација со Посредникот, како и сите лица наведени во истиот Договор.
Аранжман
Комбинација на услуги за сместување и придружни услуги опишани на страницата на сместувањето.
Информации и услови за резервација на сместувањето
Содржината објавена на страницата на конкретното сместување на веб-страницата на Посредникот, која ги вклучува описот, цените, програмот, попустите, правилата за пристап и напуштање, условите за откажување и другите релевантни информации од Организаторот.
Понуда
Презентација на Посредникот до Патникот со податоци за достапноста, цената и условите за конкретно сместување, која може да биде во писмена или електронска форма.
Договор за резервација
Писмен договор склучен помеѓу Посредникот и Патникот со кој се потврдува резервацијата на конкретен аранжман.
Потврда за резервација
Документ издаден од Посредникот по уплатата на авансот, со кој се потврдува резервацијата и се наведуваат сите релевантни податоци за аранжманот, името и лиценцата на Организаторот.
Профактура
Документ испратен од Посредникот до Патникот со покана за уплата, кој ги содржи износот, рокот за уплата и трансакциската сметка на Посредникот.
Фактура
Даночен документ издаден од Посредникот по приемот на уплатата од Патникот.
Ваучер
Потврда за сместување издадена од Организаторот, која Патникот ја презентира при пристигнувањето во сместувачкиот објект.

3 Барање и резервација

Поднесувањето на барање за достапност не претставува резервација и не создава обврски ниту за Посредникот ниту за Патникот. Резервацијата настанува исклучиво по постапката утврдена во овој член.

Информациите објавени на веб-страницата на Посредникот, вклучително описите на сместувачките објекти, фотографиите, цените и достапноста, имаат информативен карактер и не претставуваат обврзувачка понуда. Обврзувачки се исклучиво условите наведени во писмената понуда испратена до Патникот, во Договорот за резервација и во потврдата за резервација.

Патникот поднесува барање за достапност преку електронска пошта, телефон, преку социјалните мрежи или преку формуларот на веб-страницата на Посредникот.

По проверката на достапноста кај Организаторот, Посредникот му испраќа на Патникот понуда која ги содржи описот на сместувањето, периодот, цената, условите за плаќање и упатување на информациите и условите за резервација на конкретното сместување. Понудата може да биде во писмена или електронска форма (електронска пошта, порака преку социјалните мрежи и слично).

Понудата важи ограничено време — најчесто до крајот на работниот ден или најмногу 24 часа од нејзиното испраќање, доколку поинаку не е наведено во самата понуда. По истекот на овој рок, цената и достапноста повеќе не се гарантирани.

Резервацијата се смета за полноважна по исполнувањето на следните услови: писмена потврда на достапноста од страна на Организаторот, склучување на Договор за резервација помеѓу Посредникот и Патникот, и уплата на авансот во утврдениот рок.

Сите релевантни информации за секое поединечно сместување, вклучително описот, цените, програмот, попустите, правилата за пристап и напуштање, условите за откажување и другите услови од Организаторот, се објавени на страницата на сместувањето на веб-страницата на Посредникот. Патникот е должен да ги прочита пред склучувањето на Договорот за резервација.

Со поднесувањето на барањето за резервација и со склучувањето на Договор за резервација, Патникот потврдува дека е запознаен и се согласува со Политиката за приватност на Посредникот, објавена на веб-страницата.

Со потпишувањето на Договорот за резервација, Патникот потврдува дека ги прочитал и ги прифаќа: овие Услови, информациите и условите за резервација на конкретното сместување и сите податоци наведени во потврдата за резервација.

4 Цени и валута

Цените на аранжманите се изразени во евра (EUR) и се утврдени од страна на Организаторот. Посредникот ги продава аранжманите под исти услови како Организаторот, без дополнителни маржи во прикажаната цена кон Патникот.

Наплатата на сите услуги се врши во македонски денари (МКД), по фиксен курс од 1 EUR = 62 МКД, утврден од Посредникот.

Доколку поради пресметка на Организаторот, банкарска конверзија или промена на цените од страна на Организаторот настане разлика во денарска противвредност, Патникот е должен да ја доплати разликата по писмено известување од Посредникот.

Во цената на аранжманот се вклучени услугите изречно наведени на страницата на сместувањето. Услуги кои не се наведени не се вклучени во цената — туристичка такса, факултативни излети, патничко осигурување, дополнителни услуги во сместувачкиот објект и слично — освен ако поинаку не е назначено.

Организаторот го задржува правото на промена на објавените цени согласно своите услови. Посредникот е должен без одложување да го извести Патникот за секоја промена на цената.

Во случај на очигледна техничка или печатарска грешка во цената или описот на услугата на веб-страницата или во испратената понуда, Посредникот го задржува правото да ја поништи понудата и без одложување да го извести Патникот, без обврска за реализација на резервацијата по погрешни услови. Како очигледна грешка се смета цена која значително отстапува од редовната пазарна цена на услугата.

5 Плаќање

Плаќањето се врши исклучиво со банкарски трансфер на трансакциската сметка на Посредникот, по профактура и фактура издадени од Посредникот. Посредникот не прифаќа плаќање со платежни картички, чекови, готовина, ниту преку онлајн системи за плаќање.

Трансакциска сметка 240050122244907 Универзална Инвестициона Банка АД Скопје

Плаќањето се врши во две рати:

  • Аванс во висина од 40% од вкупната цена на аранжманот, со рок на уплата 48 часа од потпишувањето на Договорот за резервација;
  • Доплата во висина од 60% од вкупната цена на аранжманот, со рок на уплата најдоцна 30 дена пред почетокот на патувањето, освен ако во писмената понуда и во Договорот за резервација не е определен поинаков рок согласно условите на Организаторот.

Доколку Договорот за резервација се склучува помалку од 30 дена пред почетокот на патувањето, целиот износ на аранжманот се уплатува одеднаш, во рок од 48 часа од потпишувањето на Договорот.

По потпишувањето на Договорот за резервација, Посредникот му испраќа на Патникот профактура за авансот, со точниот износ, рокот за уплата и трансакциската сметка на Посредникот. По приемот на уплатата на авансот, Посредникот му издава на Патникот фактура за авансот. Истата постапка се применува и за доплатата.

Резервацијата се смета за потврдена дури по приемот на уплатата на сметката на Посредникот. Како датум на уплатата се смета датумот на приемот на средствата на сметката на Посредникот, а не датумот на наредбата за трансфер од страна на Патникот. Патникот е должен навремено да го изврши трансферот, имајќи го предвид времето потребно за банкарска обработка.

По комплетната уплата на аранжманот, Посредникот му доставува на Патникот ваучер издаден од Организаторот, кој Патникот го презентира при пристигнувањето во сместувачкиот објект.

Банкарските провизии при уплатата, како и при евентуалното враќање на средствата, се на товар на Патникот.

6 Превоз

Посредникот посредува исклучиво во продажба на услуги за сместување со сопствен превоз на Патникот. Посредникот не организира, не нуди и не посредува при обезбедување на автобуски, авионски или друг вид организиран превоз.

Патникот самостојно го организира превозот до сместувачкиот објект и од истиот. Посредникот не сноси одговорност за прашања, доцнења или проблеми поврзани со превозот на Патникот.

За насоки и информации за патот, Патникот може да го контактира Посредникот пред заминувањето.

7 Сместување

Сместувачките објекти се опишани согласно описот, категоријата и стандардите наведени на страницата на сместувањето. Стандардите за сместување и услугите се различни по дестинации и зависат од категоризацијата во земјата на дестинацијата. Посредникот не влијае на категоризацијата на објектите.

Доколку Патникот писмено не договорил сместување со посебни барања (кат, поглед, тераса, положба во објектот и слично), ќе прифати било која службено регистрирана сместувачка единица од договорениот тип во избраниот сместувачки објект.

Посредникот ќе се обиде да одговори на дополнителните барања на Патникот, но не може да гарантира нивно исполнување, доколку истите не се изречно потврдени во писмена форма од Организаторот.

Вообичаено пристигнувањето во сместувачкиот објект е дозволено од 14:00 часот, а напуштањето е до 10:00 часот, доколку поинаку не е наведено на страницата на сместувањето или во правилата на објектот.

Патникот е должен да ги почитува правилата на сместувачкиот објект — куќен ред, тишина во утврдените часови, одржување на хигиена, грижа за инвентарот и слично. За штети предизвикани од Патникот или од лицата наведени во Договорот за резервација, Патникот одговара лично пред сопственикот на објектот.

Патникот нема право на враќање на средствата доколку самоволно го напушти сместувачкиот објект пред истекот на договорениот период.

Договореното сместување може да биде заменето со сместување во објект од иста или повисока категорија. Сместување во објект од пониска категорија може да се изврши само со согласност на Патникот, при што следи враќање на разликата во цена.

8 Откажување од страна на патникот

Патникот има право да го откаже патувањето пред неговиот почеток. Откажувањето мора да биде во писмена форма (по електронска пошта или со допис), а датумот на приемот на писменото известување е основа за пресметка на трошоците за откажување.

Трошоците за откажување се пресметуваат согласно условите наведени на страницата на сместувањето и условите на Организаторот. Посредникот ги применува условите на Организаторот без измени.

Точните услови за откажување за конкретниот аранжман му се доставуваат на Патникот заедно со понудата и се составен дел на Договорот за резервација.

Доколку Патникот се откажува поради причини кои не можел да ги предвиди, избегне или отстрани (тешка болест, повреда или смрт во потесното семејство, елементарна непогода и слично), а врз основа на важечка потврда од надлежен орган, трошоците за откажување се пресметуваат согласно условите на Организаторот за такви случаи.

Доколку Патникот не ја изврши доплатата во утврдениот рок наведен во Договорот за резервација, се смета дека Патникот ја откажал резервацијата. Во таков случај се применуваат трошоците за откажување согласно условите на Организаторот, утврдени според датумот на истекот на рокот за уплата.

При секое откажување, банкарските трошоци настанати при уплатата и при евентуалното враќање на средствата се на товар на Патникот.

Доколку Патникот сака да го промени терминот, сместувачкиот објект или други елементи на резервацијата наместо да ја откаже, Посредникот ќе се обиде да ја изврши промената кај Организаторот. Промената е можна само доколку Организаторот ја потврди. Евентуалните дополнителни трошоци или разликата во цената што произлегува од промената се на товар на Патникот.

9 Откажување од страна на организаторот

Организаторот може да го измени или откаже аранжманот согласно своите услови, при вонредни околности, виша сила или други причини предвидени во неговите услови.

Како виша сила се сметаат настани вон контролата на Организаторот и Посредникот, како што се природни непогоди, безбедносни состојби, штрајкови, епидемии, владини ограничувања на патувањата и слично.

Посредникот е должен без одложување да го извести Патникот за секоја измена или откажување од страна на Организаторот.

Во случај на целосно откажување од страна на Организаторот, Патникот има право на враќање на уплатените средства во рокот утврден со условите на Организаторот. Враќањето на средствата (доколку се одобри) се врши по приемот на средствата од Организаторот, согласно неговите рокови и правила.

Посредникот не сноси одговорност за измените или откажувањата направени од страна на Организаторот или непосредните даватели на услуги, ниту за дејството на виша сила.

10 Патни исправи

Патникот е лично одговорен за поседувањето на важечки патни документи (пасош или биометриска лична карта) со рок на важност согласно прописите на земјата во која патува. За патување во земји од Шенгенската зона, патниот документ мора да биде валиден најмалку три месеци по планираниот датум на излез од Шенгенската зона. Граѓаните на Република Северна Македонија со биометриски пасош или биометриска лична карта можат да патуваат во Шенгенската зона без виза за престој до 90 дена во период од 180 дена.

За патување на малолетни лица без придружба на двајцата родители, потребна е писмена согласност на родителите или старателите, заверена кај нотар, согласно важечките прописи на Република Северна Македонија.

Посредникот не сноси одговорност за последиците од неисправни, истечени, изгубени или украдени патни документи, ниту за одбивање на влез во земјата на дестинацијата или транзитната земја од страна на пограничните власти.

Патникот е должен да ги почитува царинските, девизните, здравствените и другите прописи на својата земја, транзитните земји и земјата на дестинацијата.

11 Осигурување

Патничкото здравствено осигурување, осигурувањето на багаж и осигурувањето од несреќен случај не се вклучени во цената на аранжманот, доколку поинаку не е наведено на страницата на сместувањето.

Посредникот му препорачува на Патникот самостојно да обезбеди соодветно патничко здравствено осигурување пред заминувањето. Особено се препорачува патничко осигурување за малолетни лица, постари лица и лица со постоечки здравствени состојби.

Со потпишувањето на Договорот за резервација, Патникот потврдува дека е информиран за можноста и препораката за обезбедување патничко осигурување.

12 Багаж и лични предмети

Патникот самостојно се грижи за својот багаж и личните предмети за целото време на патувањето и престојот.

Посредникот не одговара за изгубен, оштетен или украден багаж и лични предмети за време на патувањето или престојот во сместувачкиот објект. Каде што е достапен сеф во сместувачката единица, Посредникот му препорачува на Патникот да го користи за чување на драгоцености и документи.

За дополнителна заштита, Посредникот му препорачува на Патникот да обезбеди осигурување на багажот пред заминувањето.

13 Рекламации и приговори

Во случај на незадоволство од извршените услуги, Патникот е должен веднаш, на самото место, да го пријави проблемот кај претставникот на Организаторот или кај непосредниот давател на услугата (сопственикот или управителот на сместувачкиот објект) и да соработува во добра намера за отстранување на причините за приговорот.

Доколку причината за приговорот не е отстранета на самото место, Патникот е должен да состави писмена потврда (записник) со претставникот на давателот на услугата, во која се наведуваат предметот на приговорот и преземените дејствија.

Најдоцна осум дена по завршувањето на аранжманот, Патникот доставува писмен приговор до Посредникот на адресата на електронска пошта info@azureholidays.mk, со приложена документација — записник од лице место, фотографии, сметки за дополнителни трошоци и слично.

Посредникот ја проследува рекламацијата до Организаторот најдоцна следниот работен ден од нејзиниот прием и го известува Патникот за одговорот на Организаторот во рок утврден со условите на Организаторот, но не подолго од 15 дена од приемот на рекламацијата.

Највисокиот можен надомест по основ на рекламација е во висина на рекламираниот, неизвршен дел од услугите. Не се признава право на надомест за веќе искористени услуги, ниту за целокупната цена на аранжманот.

Приговор поднесува носителот на Договорот за резервација, во свое име и во име на лицата наведени во Договорот, со приложена документација.

14 Одговорност

Посредникот настапува во својство на посредник во продажба на туристички патувања, согласно лиценца Б. Организаторот на патувањето е одговорен за реализацијата на програмот и квалитетот на услугите.

Посредникот е должен:

  • на Патникот да му обезбеди пристап до информациите и условите за резервација на конкретното сместување, преку објава на веб-страницата на Посредникот;
  • да го наведе своето својство на посредник и бројот на лиценцата на Организаторот во потврдата за резервација;
  • да ги продава аранжманите под исти услови како Организаторот;
  • без одложување да го извести Патникот за сите промени во врска со резервацијата;
  • да посредува при поднесувањето на рекламации.

Посредникот не сноси одговорност за:

  • неизвршување или делумно извршување на услугите од страна на Организаторот или непосредните даватели на услуги;
  • промени во програмот направени од страна на Организаторот;
  • дејството на виша сила (природни непогоди, безбедносни состојби, штрајкови, епидемии и слично);
  • превозот на Патникот до и од сместувачкиот објект;
  • изгубен, оштетен или украден багаж и лични предмети;
  • последиците од неисправни или истечени патни документи на Патникот;
  • одбивање на влез во земјата на дестинацијата од страна на пограничните власти;
  • последиците од непочитувањето на правилата на сместувачкиот објект од страна на Патникот.

Одговорноста на Посредникот по кој било основ е ограничена исклучиво на висината на посредничката услуга и не може да го надмине износот реално уплатен од Патникот кон Посредникот за конкретната резервација. Ова ограничување не се применува во случаи на штета предизвикана со намера или со груба небрежност од страна на Посредникот.

15 Електронска комуникација

Договорните страни се согласуваат дека електронската комуникација помеѓу Посредникот и Патникот (електронска пошта, пораки преку социјалните мрежи и други електронски средства за комуникација) има иста правна важност како писмената форма, доколку може да се утврдат испраќачот и содржината на пораката.

Сите известувања, понуди, потврди и други документи испратени по електронски пат на адресата или сметката што Патникот ја навел во барањето или во Договорот за резервација, се сметаат за уредно доставени.

Договорот за резервација може да биде склучен и потпишан по електронски пат, согласно прописите на Република Северна Македонија кои го уредуваат електронскиот документ и електронскиот потпис.

16 Завршни одредби

Овие Услови влегуваат во сила на денот на нивното објавување на веб-страницата на Посредникот и се применуваат на сите резервации склучени од тој датум.

Посредникот го задржува правото на измена на овие Услови. Сите измени се објавуваат на веб-страницата. За веќе склучените Договори за резервација важат условите кои биле во сила на денот на склучувањето на Договорот.

Доколку некоја одредба од овие Услови биде огласена за ништовна или неприменлива со одлука на надлежен орган, останатите одредби остануваат во полна сила.

За сите прашања кои не се уредени со овие Услови, се применуваат одредбите на Законот за облигационите односи, Законот за туристичката дејност, Законот за заштита на потрошувачите и другите важечки прописи на Република Северна Македонија.

За сите спорови што можат да произлезат од примената на овие Услови, договорните страни ќе настојуваат да ги решат по мирен пат. Доколку тоа не е можно, надлежен е стварно надлежниот суд во Скопје.

За контакт по сите прашања поврзани со овие Услови или со конкретна резервација, Патникот може да се обрати на адресата на електронска пошта info@azureholidays.mk.


Верзија 1.0 Датум: 29 мај 2026
Директна комуникација

Не сте сигурни кое сместување е најдобро за вас?

Пратете ни период, број на лица и што ви е важно за вашиот одмор и ние ќе ви помогнеме да го изберете вистинското сместување.

Прати порака