Услови под кои Azure Holidays врши посредување при резервација на сместување и туристички аранжмани.
Azure Holidays (во понатамошниот текст: Посредникот) е туристичка агенција — посредник во продажба на туристички патувања, регистрирана во Република Северна Македонија и носител на лиценца Б за вршење туристичка дејност.
Посредникот врши продажба и посредување на туристички аранжмани и услуги на сместување организирани од страна на овластени организатори на патувања кои поседуваат лиценца А (во понатамошниот текст: Организатор). Организаторот е наведен во програмот на патувањето и во потврдата за резервација за секој поединечен аранжман.
Овие Општи услови на патување (во понатамошниот текст: Општи услови) ги уредуваат условите под кои Посредникот врши посредување при резервација на сместување и се составен дел на секој Договор за резервација склучен помеѓу Посредникот и патникот (во понатамошниот текст: Патник).
За секоја резервација, покрај овие Општи услови, важат и Општите услови на патување на Организаторот и програмот на патувањето. Посредникот е должен на Патникот да му ги врачи програмот на патувањето и Општите услови на патување на Организаторот, истовремено со издавање на потврдата за резервација. Во случај на различни одредби, условите наведени во програмот на патувањето и Општите услови на Организаторот имаат предност пред овие Општи услови.
Патникот може да поднесе барање за достапност (inquiry) преку електронска пошта, телефон, социјални мрежи (Messenger) или преку формуларот на веб-страницата на Посредникот.
По проверка на достапноста кај Организаторот, Посредникот му испраќа на Патникот понуда која го содржи програмот на патувањето, цената, условите за плаќање и Општите услови на патување на Организаторот.
Понудата, цената и достапноста важат ограничено време (најчесто 12–24 часа, или до крај на работен ден), освен ако поинаку не е наведено во понудата. Резервацијата се смета за потврдена само по писмена потврда од Организаторот и по извршена уплата во договорениот рок.
Резервацијата станува полноважна со склучување на писмен Договор за резервација помеѓу Посредникот и Патникот и уплата на депозит согласно условите наведени во потврдата за резервација и програмот на патувањето.
Остатокот од договорената цена се плаќа согласно роковите наведени во потврдата за резервација и програмот на патувањето.
Доколку Патникот не го уплати остатокот во наведениот рок, ќе се смета дека го откажал патувањето и ќе се применат условите за откажување наведени во програмот на патувањето и Општите услови на Организаторот.
Со потпишување на Договорот за резервација, Патникот потврдува дека ги прочитал и ги прифаќа овие Општи услови, програмот на патувањето, Општите услови на патување на Организаторот и условите наведени во потврдата за резервација.
Со поднесување барање за резервација и со склучување на Договор, Патникот потврдува дека е запознаен и се согласува со Политиката за приватност објавена на веб-страницата на Посредникот.
Цените на аранжманите се изразени во евра (EUR) и се одредени од страна на Организаторот. Посредникот ги продава аранжманите под исти услови како Организаторот.
Плаќањето се врши исклучиво во денари (МКД) по фиксен курс од 1 EUR = 62 МКД, утврден од страна на Посредникот.
Доколку поради пресметка на Организаторот или банкарска конверзија настане разлика во денарска противвредност, Патникот е должен да ја доплати разликата по известување од Посредникот.
Плаќањето се врши исклучиво со банкарски трансфер — уплата по фактура на сметка на Azure Holidays. Посредникот не прифаќа плаќање со платежни картички, онлајн плаќање, чекови или готовина.
Банкарските провизии при уплата, како и при евентуална рефундација, се на товар на Патникот.
Цената на аранжманот ги вклучува услугите наведени во програмот на патувањето. Услуги кои не се наведени во програмот не се вклучени во цената (туристичка такса, факултативни излети, патничко осигурување, дополнителни услуги и сл.), доколку поинаку не е назначено во програмот.
Организаторот го задржува правото за промена на објавените цени согласно своите Општи услови на патување. Посредникот е должен без одложување да го извести Патникот за секоја промена на цената.
Посредникот нуди исклучиво сместување со сопствен превоз. Посредникот не организира, не нуди и не посредува во обезбедување на автобуски, авионски или друг организиран превоз.
Патникот самостојно го организира превозот до и од сместувачкиот објект. Посредникот не сноси одговорност за прашања поврзани со превозот на Патникот.
За насоки и информации за патот, Патникот може да контактира со Посредникот пред тргнување.
Сместувачките објекти се опишани согласно описот и категоријата во програмот на патувањето. Стандардите на сместување и услуги се различни по дестинации. Посредникот не влијае на категоризацијата на објектите во земјата на дестинација.
Доколку Патникот писмено не договорил сместување со посебни барања (кат, поглед, тераса, положба во објектот и сл.), ќе прифати било која службено регистрирана сместувачка единица во договорениот сместувачки објект.
Посредникот ќе се обиде да одговори на дополнителните барања на Патникот, но не може да гарантира исполнување на такви барања, доколку истите не се изрично потврдени во писмена форма од Организаторот.
Вообичаено сместување е од 14:00 часот (check-in), а напуштање до 10:00 часот (check-out), доколку не е поинаку наведено во програмот на патувањето или во правилата на објектот.
Патникот е должен да ги почитува правилата на сместувачкиот објект (куќен ред, тишина, одржување на хигиена и сл.). Посредникот не одговара за штети настанати поради непочитување на овие правила од страна на Патникот.
Патникот нема право на рефундација доколку самоволно го напушти сместувачкиот објект пред истекот на договорениот период.
Договореното сместување може да се замени со сместување во објект од иста или повисока категорија. Сместување во објект од пониска категорија може да се изврши само со согласност на Патникот, при што следи враќање на разликата во цена.
Патникот има право да го откаже патувањето пред почетокот, за што е должен писмено да го извести Посредникот (по е-пошта или во писмена форма). Датумот на прием на писменото откажување е основа за пресметка на отказните трошоци.
Отказните трошоци се пресметуваат согласно условите наведени во програмот на патувањето и/или Општите услови на патување на Организаторот. Посредникот ги применува условите на Организаторот без измени.
Доколку Патникот се откажува поради причини кои не можел да ги предвиди, избегне или отстрани (болест, повреда или смрт во потесното семејство, елементарна непогода и сл.), а врз основа на важечка потврда од надлежните органи, отказните трошоци се пресметуваат согласно условите на Организаторот за вакви случаи.
При секое откажување, банкарските трошоци настанати при уплата и при евентуална рефундација се на товар на Патникот.
Доколку Патникот сака да го промени терминот, сместувачкиот објект или други елементи на резервацијата наместо да ја откаже, Посредникот ќе се обиде да ја изврши промената кај Организаторот. Промената е можна само доколку Организаторот ја потврди. Евентуални дополнителни трошоци или разлика во цена произлезени од промената се на товар на Патникот.
Организаторот може да го измени или откаже аранжманот во согласност со своите Општи услови на патување, при вонредни околности, виша сила, или други причини предвидени во неговите услови.
Посредникот е должен без одложување да го извести Патникот за секоја измена или откажување од страна на Организаторот.
Во случај на целосно откажување од страна на Организаторот, Патникот има право на рефундација на уплатените средства во рокот утврден со Општите услови на Организаторот.
Рефундацијата (доколку се одобри) се врши по прием на средствата од Организаторот и согласно неговите рокови и правила.
Посредникот не сноси одговорност за измени или откажувања направени од страна на Организаторот или непосредните даватели на услуги, ниту за дејство на виша сила.
Патникот е лично одговорен за поседување на важечки патни документи (пасош, лична карта) со рок на важење согласно прописите на земјата во која патува.
За патување на малолетни лица без придружба на двајцата родители, потребна е писмена согласност на родителите/старателите, заверена кај нотар, согласно важечките прописи.
Посредникот не сноси одговорност за последиците од неисправни, истечени, изгубени или украдени патни документи, ниту за одбивање на влез од страна на пограничните власти.
Патникот е должен да ги почитува царинските, девизните, здравствените и другите прописи на својата земја, транзитните земји и земјата на дестинација.
Патничкото здравствено осигурување, осигурувањето на багаж и осигурувањето од несреќен случај НЕ се вклучени во цената на аранжманот, доколку поинаку не е наведено во програмот на патувањето.
Посредникот му препорачува на Патникот самостојно да обезбеди соодветно патничко осигурување пред патувањето.
Со потпишување на Договорот за резервација, Патникот потврдува дека е информиран за можноста и препораката за обезбедување на патничко осигурување.
Патникот самостојно се грижи за својот багаж и лични предмети за целото времетраење на патувањето и престојот.
Посредникот не одговара за изгубен, оштетен или украден багаж и лични предмети за време на патувањето или престојот во сместувачкиот објект. Препорачуваме користење на сеф каде што е достапен.
За дополнителна заштита, Посредникот му препорачува на Патникот да обезбеди осигурување на багаж пред патувањето.
Во случај на незадоволство од извршените услуги, Патникот е должен веднаш на самото место да го пријави проблемот кај претставникот на Организаторот или кај непосредниот давател на услуги и да соработува во добра намера за отстранување на причините за приговорот.
Ако причината за приговорот не е отстранета на самото место, Патникот за тоа составува писмена потврда (записник) со претставникот на давателот на услуги.
Најдоцна 8 дена по завршувањето на аранжманот, Патникот поднесува писмен приговор до Посредникот, со приложена документација (записник, сметки за дополнителни трошоци и сл.).
Посредникот ја проследува рекламацијата до Организаторот и го известува Патникот за одговорот на Организаторот во рок утврден со Општите услови на Организаторот, но не подолго од 15 дена од приемот на рекламацијата.
Највисокиот надомест по основ на рекламација може да го достигне износот на рекламираниот, неизвршен дел од услугите. Не се признава право на надомест за веќе искористени услуги, ниту за целокупната цена на аранжманот.
Приговор поднесува носителот на Договорот во свое име и во име на лицата наведени во Договорот, со приложена документација.
Посредникот настапува во својство на посредник во продажба на туристички патувања согласно лиценца Б. Организаторот на патувањето е одговорен за реализацијата на програмот и квалитетот на услугите.
Посредникот е должен: на Патникот да му ги врачи програмот на патувањето и Општите услови на патување на Организаторот; да го назначи своето својство на посредник и бројот на лиценцата на Организаторот во потврдата за резервација; да ги продава аранжманите под исти услови како Организаторот; да го извести Патникот за сите промени во врска со резервацијата; да посредува при поднесување на рекламации.
Посредникот не сноси одговорност за: неизвршување или делумно извршување на услугите од страна на Организаторот или непосредните даватели на услуги; промени во програмот направени од страна на Организаторот; дејство на виша сила (природни непогоди, безбедносни ситуации, штрајкови и сл.); превозот на Патникот до и од сместувачкиот објект; изгубен, оштетен или украден багаж и лични предмети; последици од неисправни или истечени патни документи на Патникот.
Овие Општи услови влегуваат во сила на денот на нивното објавување на веб-страницата на Посредникот и се применуваат на сите резервации склучени од тој датум.
Посредникот го задржува правото на измена на овие Општи услови. Измените ќе бидат објавени на веб-страницата. За веќе склучени Договори важат условите кои биле во сила на денот на склучување.
За сите прашања кои не се уредени со овие Општи услови, се применуваат одредбите на Законот за облигациони односи, Законот за туристичката дејност и другите важечки прописи на Република Северна Македонија.
Во случај на спор кој не може да се реши по мирен пат, надлежен е судот во Скопје.
Пиши ни на Instagram или Messenger, или остави барање преку формата.